Sunday, October 17, 2021

Атмосфера за паметење на доделувањето на наградите од конкурсот „Мулти-виа-медиа: Како го градиме соживотот во училиштата“

Ученици и наставници, претставници на над 30 училишта од повеќе градови од земјава ја исполнија салата на Кинотеката на Македонија во Скопје, на свеченото доделување на наградите од конкурсот „Мулти-виа-медиа: Како го градиме соживотот во училиштата“, кое се одржа на 7 мај 2015 година. Многу насмеани лица, весела атмосфера, но и неизвесност и исчекување: сите се прашуваа – кои училишта ќе ги добијат вредните награди на овој конкурс кој го спроведуваа Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, во соработка со Македонскиот институт за медиуми?

Атмосферата беше дополнително „заегреана“ преку одличното водителствување на шоуменот и полиглот Бујар Саити, кој ја вклучи публиката во игри, преку кои сите во салата симболично покажаа дека кога се работи заедно, кога ќе се склопат сите коцкички на еден мозаик или сите тонови и инструменти на една симфонија, може да се постигне многу повеќе.

По обраќањето на Џевахире Пруси – Зајази во име на ПМИО и претставникот на жирито Јане Стефанов – следуваше моментот кој сите го очекуваа со нетрпение – доделувањето на наградите, пофалниците и признанијата.

Првата награда, камера Го-Про 4 и лап топ, овој пат ја понесе Гимназијата „Јане Сандански“ од Битола за видеото „Пронајди ја разликата“, едноставна приказна со моќна порака за еднаквоста на сите ученици. Втората награда, камера Го-Про 4 отиде во рацете на Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје, за видеото „Како го градиме соживотот во училиштата“, приказна за ученици од различна националност кои по првичните несогласувања наоѓаат заеднички јазик во нивната љубов кон актерството. Добитник на третата награда е Гимназијата „Зеф Љуш Марку“ од Скопје за нивното видео „The School“, во кое преку актерска игра на учениците е прикажан патот за победа над предрасудите и насилството кон различните во училиштето.

Освен тоа, беа доделени и неколку пофалници – на Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, Средното училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе, Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје, Средното општинско училиште “Ѓошо Викентиев” Кочани, и Средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ Штип, кои се истакнаа на конкурсот со демонстрирана креативност и квалитетна изработка на видео приказните , и особен ангажман во промовирање на училишните активности за меѓуетничка интеграција. Освен тоа, признанија за демонстрираниот ангажман им беа доделени на 26 средни училишта од цела Македонија, а специјална пофалница, вон конкуренција, му беше доделена на Средното училиште „Арсени Јовков“ од Скопје за извонредниот анимиран филм „Приказна за змејот“.

Погледнете го ова видео за да видите како изгледаше целата атмосфера од овој прекрасен настан, во кој уживаа сите: