Thursday, October 28, 2021

Подобрување на меѓуетничката интеграција во образованието преку обезбедување на стимул за училиштата

Десет основни и средни училишта од пилот општините и општините соседни на нив (Тетово, Боговиње, Струмица, Демир Хисар, Чаир, Бутел, Ресен и Битола) покажуваат подготвеност и огромен ентузијазам да се вклучат во активностите за унапредување на меѓуетничкиот дијалог во училиштата. Општините ги поддржуваат во нивните напори да ги остварат овие цели и да ја негуваат меѓуетничката интеграција.

По овој повод, на 13 јуни 2012 година, во Скопје се собраа поддржувачи на идејата за мултикултурализам и диверзитет – градоначалници, претставници од училиштата и од образовните институции, партнери и соработници, кои им честитаа на училиштата за нивното залагање, силна волја и верба во концептот за мултикултурализам. Преку обезбедување на стимул за училиштата се подобруваат можностите за децата од сите етнички заедници и се подобруваат условите за учење.

Значајна поддршка за училиштата и општините беше обезбедена и од Американската амбасада во Р.М., Секретаријатот за имплементација на Охридскиот рамковен договор, Министерството за образование и наука, УСАИД и Европската команда на САД.

„Ова е многу важно за градење на социјална и меѓуетничка кохезија низ целата земја. Ваквото образование ќе ги постави граѓаните во многу подобра позиција за активно да учествуваат во глобалното живеење на 21-от век.’’ –нагласи Американскиот амбасадор во Република Македонија, Пол Волерс.

„Детството е најдобар период во животот за запознавање еден со друг’’ – рече Вицепремиерот задолжен за имплементација на Охридскиот рамковен договор, Муса Џафери. „И покрај скептицизмот на некои поединци дека мултиетничко општество не може да опстои, ние сме убедени дека за нашето општество ова претставува чекор напред кон демократизација на земјата”.

„Високиот одзив на училиштата, заедно со општините,училишните одбори, советите на родители, локалните заедници и НВО-а, е показател за огромната потреба за меѓуетничка интеграција и дека истата е добредојдена во училиштата. Ние ја поддржуваме одржливоста и придобивките од овој проект, а тоа ќе го правиме како партнери преку соработката со Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат, а водечка улога ќе имаат и локални невладини организации со веќе докажано искуство во таа област” –рече во своето излагање Министерот за образование и наука, Панче Кралев.

Училиштата и општините за време на настанот официјално потпишаа Меморандум за соработка со Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.

Помеѓу претставниците од училиштата и општините постоеше огромна среќа и благодарност. Директорот на училиштето „Маршал Тито’’ од Муртино изјави: „Се чувствував како да се наоѓам на доделувањето на наградите Оскар!’’

Училишните реновирања ќе се реализираат во текот на летото!