Tuesday, September 28, 2021

Ученици истражуваа интересни детали за познатите кошаркарски ѕвезди

Ученици од Централното училиште во Бучин и подрачното училиште од Светомитрани ги посетија своите другарчиња во Пресил и заедно ги истражуваа кошаркарските правила и развојот на кошарката во Македонија, Балканот, Европа и светот.

Истражување за кошарка8На забавен и интерактивен начин, ученици Македонци и Албанци, под водство на своите наставници Ведат Зеќири, Беким Јусуфи, Славица Николовска и Николче Николовски развиваа вештини за соработка, тимска работа и заедничко одлучување.

Учениците научија многу интересни детали за кариерата на светските кошаркарски ѕвезди како што се Шекил О’Нил, Коби Брајан, како и за познатите македонски кошаркари Тодор Гечески и Перо Антиќ. Потоа, заедно со наставниците во училишниот двор ги усовршуваа вештините за правилно водење на кошаркарска топка.

Овие активности на учениците им беа особено интересни и занимливи, затоа што низ процесот на истражување и игра стекнаа многу нови пријателства. Исто така и присутните родителите не го криеја своето задоволство од спроведените активности. Тие сметаат дека и во иднина активностите треба да продолжат, бидејќи соработката меѓу учениците од двете подрачни училишта и централното основно училиште ,,Св. Кирил и Методиј“ во Бучин и понатаму треба да се поттикнува и развива.

Истражување за кошарка2Активностите се особено важни и за наставниците кои во изминатиов период посетија обуки преку кои ги зајакнаа своите компетенции за работа со деца во мешани групи.

Заедничкото дружење во Пресил се реализираше во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, преку кој беа обезбедени неколку кошаркарски топки за училиштето ,,Св. Кирил и Методиј “ – Бучин. Додека, во наредниот период ќе се постават два коша во двете подрачни училишта во Светомитрани и Пресил, каде учениците за прв пат ќе може да заиграат кошарка.