Monday, September 27, 2021

Учениците од Бучин го одбележаа денот на албанскиот учител

На 7 ми март – денот на Албанскиот учител, стотина ученици од македонска и од албанска националност од основното училиште ,,Св. Кирил и Методиј“ од Бучин, го посетија Музејот на Албанската азбука во Битола. Целта на заедничката посета беше учениците да се запознаат со културните и историските вредности на градот под Пелистер.

По тој повод, вработените во Музејот одржаа предавање за процесот на создавање на албанската азбука и за потребата од создавање на унифицирана азбука за сите Албанци. Откако го проследија предавањето, учениците љубопитно се интересираа зошто конгресот се одржал токму во Битола и дали на конгресот присуствувале македонски делегати.

12802977_1009959785744563_6386873760445737171_nДел од присутните ученици ги фотографираа сликите кои беа поставени во музејот и се запознаваа со ликот и делото на познатите албански писатели како што се Ѓерѓ Кириази, Мати Погореци, Никол Качори, Парашќева Кириази итн. Посетата продолжи во Заводот и музеј во Битола, каде што е лоцирана Спомен-собата на првиот претседател на Турција, Мустафа Ќемал Ататурк. На крајот, гостите од скопско Бучин направија обиколка на археолошкиот локалитет Хераклеја и научија нешто повеќе за античката култура на овие простори.

За наставниците ваквите посети се од огромно значење затоа што учениците ги прошируваат своите знаења за заедничкото минатото на сите етнички заедници кои живеат на овие простори. Директорот на училиштето, Драган Јанкоски смета дека активностите од Проектот за меѓуетничка интеграција имаат огромно значење за развивање на свеста кај учениците за значењето на заедништвото, сплотеноста и меѓусебното разбирање.