Sunday, October 17, 2021

Учениците од Брвеница ги промовираа постигнувањата во меѓуетничката интеграција во образованието

DSC00383Преку презентации, фотографии и видео-проекции учениците од трите основни училишта во општина Брвеница (ОУ„Гоце Делчев“ с. Стенче, ОУ „7 Марси“ с. Челопек и ОУ„Кочо Рацин“, с. Брвеница), на почетокот на декември, ги претставија постигнатите резултати од учеството во многубројните наставни и воннаставни активности, како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција (ПМИО).

Голем број ученици, наставници, директори и советници за образование од локалната самоуправа, присуствуваа на промоцијата и се запознаа со постигнувањата на учените од тетовската општина.

Учениците, најпрвин, наизменично на двата наставни јазици, македонски и албански, детално ги презентираа содржините на наставните активности кои ги реализираа во рамки на ПМИО. Во основното училиште „Кочо Рацин“, каде што наставата се одвива на македонски јазик, наставникот на час по биологија, ги претстави органите на човечкото тело на двата јазици – македонски и албански. Љубопитните учениците, уште за време на часот ги научија човечките органи и на својот наставен јазик – македонски и на јазикот на своите другарчиња и соседи – Албанци.

Учениците од училиштето „7 Марси“ гордо се пофалија со реализираните активности на часот по информатика, на кој што учеле зборови на албански јазик преку анимациите подготвени од наставничката.

Изработка на ликовна творби, квиз на англиски јазик, натпревари во фудбал, подготовка на драмски претстави и излети во природа. Ова беа само дел од активностите на партнерските училишта „7 Марси“ и „Гоце Делчев од Брвеница, кои ги реализираа ученици од македонска, албанска и ромска етничка припадност.

На промотивниот настан, учениците од трите училишта од општина Брвеница порачаа дека ќе продолжат со нови активности, затоа што секојдневната соработка и дружење им овозможува повеќе да се зближат со нивните врсници од различна етничка припадност, но и да научат повеќе за нивната култура и традиција.

DSC00401Наставниците истакнаа дека наставните и воннаставните активности на учениците од трите основни училишта овозможија голем напредок во подобрување на меѓуетничките односи, намалување на стереотипите и предрасудите, но, исто така, овозможија поддршка и поттик на заедничкото работење и дружење меѓу учениците, наставниците и родителите.