Saturday, October 16, 2021

Споделување на искуства на обуката за одржување на училиштата

Размена на искуства и знаења за проблемите поврзани со техничкото одржување на училиштата и зајакнување на капацитетите на техничкиот персонал, беа главни теми на 4-тата обука за одржување на образовните установи. На обуката, која се одржа на 16 октомври, како дел од Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, неколку експерти-инженери ги презентираа начините и процедурите за обезбедување на функционални просторно-технички услови во училиштата.

На обуката учествуваа 40-тина претставници од 13 училишта од земјата, кои беа вклучени во процесот на реновирање на објектите во рамки на Проектот. Во текот на обуката учесниците дискутираа за различни аспекти поврзани со одржувањето на училишните објектите, како и за воведување на нови системи за греење на гас и нивно раководење во училиштата.

DSC_0079Претставник на средното гимназиско – градежно училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје ги информираше присутните дека училиштето веќе две години се грее на гас. Во првата година забележале заштеда на финансиски средства за загревање од 50%. Додека, втората година заштедата се намалила на 30%. Во продолжение, тој дополни дека на семинар во Хрватска, на кој присуствувале претставници од градежни средни училишта, било дискутирано за тоа дека зголемената потрошувачка се должи на степенот на чистота на оџаците. Во зависност од материјалот кој се користи во системот за греење, се одредува начинот на чистење на оџаците, односно, системите за греење кои користат гас бараат специфичен начин на чистење на оџаците. Поради тоа, вработените од ГУЦ „Здравко Цветковски“ започнале да размислуваат за отворање на насока за оџачари, со што, би продуцирале стручни лица за вршење на оваа дејност.

Информацијата за чистење на оџаците кај системите на гас беше исклучително корисна, со оглед на тоа дека се повеќе училишта и јавни објекти се гасифицираат и бројот на системи за греење кои се на гас константно се зголемува.

Одржувањето на училиштата е тема која во образовната дебата е запоставена, а е од огромно значење за квалитетот на одвивање на наставата и процесот на учење. Исто така, долгорочно и квалитетно одржување може да креира и финансиски заштеди.

Прашањата кои беа отворени за време на обуката и понатаму ќе се дискутираат за време на посетите за следење на работата на училиштата заедно со техничкиот персонал, кој е најважната алка потребна за соодветно одржување и функционирање на училиштето. Подобреното одржување на училиштата корист ќе биде од корист за 8.713 ученици и 842 вработени во 13-те училишта кои беа реновирани во четвртата година од имплементацијата на Проектот.