Sunday, July 25, 2021

САД помогнаа да се реновира основно училиште во Чаир

Свечениот настан на 6 октомври во основното училиште Рајко Жинзифов го обележува едното од тринаесетте реновирања на училишта ова лето преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО). Клучната цел на овој проект е да се интегрираат децата со различни етнички позадини преку образовни и други активности. ПМИО ги вклучува училиштата, наставниците, учениците и родителите, локалните лидери и целите заедници во развивањето на меѓуетнички врски и градењето на основа за подобра иднина.

dsc01771

Во своето обраќање, Џес Л. Бејли, Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија истакна: „Насловите во весниците честопати се фокусираат на поделбите меѓу луѓето – поделби врз основа на етничката или верската припадност. Надминувањето на овие тензии и премостувањето на разликите не е лесна задача за остварување каде и да било… Учениците и наставниците не можат тоа да го сторат сами. Нив им е потребна поддршката од нивните семејства, нивната заедница и нивните лидери. За надминување и санирање на поделбите потребни се здружени напори од сите.”

 

Едно од клучните достигнувања на проектот е тоа што сега сите основни и средни училишта во Македонија се вклучени во проектот. Најголем дел од општините, родителските совети и локалните заедници поддржуваат активности за интеграција на ниво на заедница. Многу општини создадоа совети за училишна интеграција и активно промовираат етничка кохезија. Покрај тоа, советниците и просветните инспектори на Бирото за развој на образованието (БРО) на национално и на регионално ниво се вклучени во спроведувањето на активности за одржливи промени и јакнење на капацитетите. Проектот воспостави скоро 400 партнерства помеѓу училишта преку кои е воспоставена интеракција меѓу наставниците и учениците од училишта со различни наставни јазици. Повеќе од 4200 ученици беа дел од креативни работилници, дебатни клубови и наставни и вон-наставни активности, додека пак уште многу други ученици учествуваа во спортски и останати заеднички активности во училиштата и на општинско ниво. Преку Канцеларијата за воена соработка, ЕУКОМ придонесе со $300,000 годишно во текот на пет години за реновирање на училиштата кои учествуваат во проектот. До денес, реновирани се 61 училиште и уште две ќе се реновираат до декември 2016 година.