Monday, September 27, 2021

Приказна за меѓуетничка интеграција од Детскиот креативен центар

Четириесетина ученици од четврто одделение од основните училишта, „Емин Дураку“ од с. Буковиќ, Сарај и „Невена Георгиева Дуња“ од Карпош, во етнички мешани групи учествуваа на работилница на тема „Пролет“.

1Станува збор за партнерски училишта кои на своја иницијатива продолжуваат да реализираат заеднички ученички активности. Ова беше нивна прва заедничка средба, која се одржа на 02 март, во Детскиот креативен центар во Скопје.
Ентузијазмот и нескриената желба за соработка кај наставниците, беа забележливи уште од самиот почеток на средбата. После играта за запознавање, учениците во парови тргнаа на кратко разгледување на просторот во Детскиот креативен центар.
Откако се распоредија во пет етнички мешани групи, секоја од групите доби задача да изработи продукт на тема „Пролет“.

Во рамки на секоја група се работеше заеднички. Додека една од групите на цртеж го претстави „Кокичето“ , како симбол на Пролетта, учениците од другата група имаа за задача да го опишат „Кокичето“. Своите асоцијации ги пишуваа и на албански и на македонски јазик. Трети пак, во парови, пишуваа творби на тема „Пролет“.

2Паралелно со учениците работеа и нивните наставници. Помагаа во групите, им даваа инструкции, преведуваа, цртаа и пишуваа заедно со своите ученици. Не правеа разлика дали се работи за ученици од македонска или албанска националност, во просторијата тие гледаа само деца, полни со желба за работа и дружба.

Резултатот на заедничката работа беа различни продукти кои ги поврзува една тема – „Пролет“. Гости на работилницата беа познатите автори на детска поезија на македонски и албански јазик, Стојан Тарапуза и Фејзи Бојку. Како што и самите истакнаа нив не ги поврзува само поезијата, туку и долгогодишното пријателство, кое трае со децении.

Учениците љубопитно поставуваа прашања со намера да дознаат нешто повеќе за животот и делото на двајцата поети. За крај на средбата, имаа можност да слушнат неколку песнички, напишани од овие две големи имиња од светот на поезијата.