Saturday, October 16, 2021

Обуките за одржување на училиштата придонесуваат за создавање на подобра средина за учење

Кон крајот на март, претставници на ПМИО одржаа еднодневна обука за тимовите за реновирање на училиштата (ТРУ) од 13-те новоизбрани училишта, кои ќе бидат реновирани во текот на 2016 година. Во ТРУ членуваат вработени во училиштата, родители, претставници на училишниот одбор, општината и на локалната заедница.

За време на двете обуки кои се одржаа во Скопје, вкупно 76 учесници стекнаа нови знаења поврзани со определување на потребите и приоритетите за реновирање на училиштата, подготовка на апликација и буџет за реновирање, подготовката на планови и буџети за одржување на училиштата и планирање на настани за собирање на дополнителни средства.

„Изборот на нашето училиште, како едно од 13-те училишта, за нас претставува стимул за понатамошно спроведување на активности за меѓуетничка интеграција во образованието. Воедно, овој проект ќе ни овозможи да го  реализираме нашиот долгогодишен сон – изградба на концертна сала. Исто така, проектот ја поттикна локалната самоуправа и целата заедница да учествуваат во реализација на нашиот сон“ – изјави Златко Стојанов, директор на музичкото училиште „Лазо Мицев – Рале“ од Кавадарци.

Преку интерактивни презентации, тимска практична работа и групни дискусии, членовите на ТРУ научија како да направат приоритетна листа на потребите за реновирање, како да подготват квалитетна апликација и буџет за реновирање, а воедно и ги споделија нивните пракси за одржување на училиштата и научија како истите да ги подобрат.

„Покрај тоа што обуката е соодветна и корисна за реализација на реновирањата во училиштето, има и други придобивки. Како на пример, подигање на свеста на општините и локалното население за поголемо и поактивно учество во одржувањето на училишната зграда, со што ќе се подобрат условите во училиштето и ќе се подобри и самиот наставен процес“ – изјави претставникот на училишниот одбор, Рамадан Амзов од с. Горно Јаболчиште.

Во периодот кој следи, ќе се реализираат активностите за реновирање на приоритетните проекти во секое училиште поединечно. Истовремено во сите 13 училишта ќе бидат организирани менторски сесии со цел да им се помогне на училиштата да ја подобрат нивната работа во однос на одржувањето на училишните објекти. Унапредувањето на работата на тимовите за реновирање на училиштата и на одржувањето на училишните објекти ќе обезбеди поквалитетни услови за настава за  вкупно 7.817 ученици.

3 2