Saturday, October 16, 2021

Инспиративното обраќање на Амбасадорот Бејли на церемонијата на сечење лента во ОУ „Санде Штерјоски“ во Кичево

На 3 јуни 2015, Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Л. Бејли, присуствуваше на церемонијата на сечење лента во ОУ „Санде Штерјоски“ во Кичево. Подолу, можете да го прочитате неговото инспиративно обраќање:

„Министре Адеми, градоначалник Дехари, г-дине Мемеди, наставници, вработени, родители и ученици,

Mirëdita. Добар ден. Günaydın.

Чест ми е што денес сум ваш гостин во кампусот Пашино на основното училиште Санде Штерјоски.

Иако официјалната причина за моето доаѓање тука е прославата по повод новото повеќенаменско спортско игралиште, постои и нешто друго во врска со вашето училиште и вашата заедница кое вреди да се слави дури и повеќе од овој прекрасен нов рекреативен простор.

Сакам да ја прославиме и етничката разновидност на вашето училиште, примерот што ни го давате на сите нас и значењето што тоа го има за иднината на Македонија.

Честопати, приказните што ги читаме во весниците или ги гледаме на телевизија се фокусираат на негативната страна на нештата. Тие зборуваат за една поделена нација и го повторуваат јазикот на поделба што произлегува од политичката сфера.

Се разбира, проблеми, недоразбирања и тензии постојат. Но, има една позитивна приказна што се случува во Санде Штерјоски и во безброј други училишта низ цела Македонија. А тоа е охрабрувачката и целосно вистинита приказна за младите луѓе од Македонија и нивната иднина. Оваа приказна за создавање на етничка хармонија меѓу учениците, нивните родители, наставници и соседи треба исто така да се раскажува, да се слави и да се поттикнува.

Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието работи во партнерство со Министерството за образование на градењето на мостови за надминување на различните етнички поделби во сите училишта во Македонија. Преку проекти во училница, вон-наставни активности и екскурзии, на учениците и наставниците од различна етничка припадност им се отвора патот кон пријателството. Војската на САД придонесува кон овие напори со финансирање на санацијата и реновирањето на училиштата кои учествуваат – до денес, реновирани се 35 училишта, а уште 13 ќе бидат реновирани ова лето.

Иако сме многу горди на резултатите што се постигнати со овој проект, во крајна линија, начинот на кој ќе заврши оваа приказна зависи од вас: од вас што сте денес тука, од вашите пријатели, вашите семејства, вашите соседи, вашите избрани претставници. Од сите.

Градењето на добри односи помеѓу луѓето и заедниците од различно потекло не е нешто што можат да го обезбедат меѓународните донатори. Тоа не доаѓа само по себе никаде, па ниту во мојата земја.   За тоа се потребни постојани ангажмани и напори од сите нас, како лидерите, така и граѓаните. Тоа ќе биде ваше наследство. Сите вие во Санде Штерјоски и од сите други училишта во целата земја, ја определувате мирната иднина на Македонија и на регионот.

Во името на американскиот народ, ви честитам и ви посакувам сè најдобро.

Falëmnderit.  Благодарам.  Teşekkür ederim.“