Sunday, July 25, 2021

Еколошка акција во Тетово – „Make It Green Again”

Во желба да придонесе за почиста животна околина и за подигнување на еколошката свест кај младите, но и кај повозрасните, Центарот за балканска соработка „Љоја“, со поддршка од Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, организираше еколошка акција под мотото “Make It Green Again”. Акцијата, која се одржа кон крајот на септември, се состоеше од чистење на патот од Тетово до тетовското Кале, како и самата Кале – тврдина.

dsc_8420 dsc_8384

Активноста беше спроведена по иницијатива на волонтерите на ЦБС „Љоја“, бидејќи прашањето за еколошката свест и загаденоста на животната средина се многу актуелни во Тетовскиот регион, во изминативе неколку години. Градот се соочува со вистинска еколошка катастрофа поради многуте диви депонии и неможноста на институциите да се справат со проблемот.

dsc_8582 dsc_8380

Иницијативата беше замислена како последователна активност на ученичкиот камп што се одржан кон средината на септември во Охрид, на кој учествуваа 40 ученици од четири основни училишта од Тетово и тетовскиот регион – „Братство Миѓени“ и „Лирија“ од Општина Тетово, како и „Александар Здравковски“ и „Шемшово“ од Општина Јегуновце. На еколошката акција учествуваа сите ученици кои што учествуваа и на кампот една недела претходно, а дополнително, кон акцијата доброволно се приклучија и 50-на нивни соученици, волонтери и граѓани, кои покажаа интерес да придонесат во чистењето на градот.

dsc_8504

На денот на еколошката акција, сите учесници се собраа на тетовскиот плоштад во 10:30 часот и оттаму поделени во 4 помали групи се упатија кон тетовското Кале. Секоја група чистеше дел од патот до Калето и за помалку од 3 часа патот беше комплетно исчистен. Потоа се пристапи кон заедничко чистење на Кале – тврдината и целата акција заврши до 14:00 часот. По кратка пауза, следуваше работилница за рециклирање и изработка на декоративни елементи, накит и паричници од отпадоци, која беше подготвена и реализирана од волонтерите од ЦБС „Љоја“. Акцијата заврши со акустичен музички концерт на локален бенд, заеднички спортски игри и пикник во природа.

dsc_8511 dsc_8345

Задоволството на сите учесници беше видливо. Тие и покрај напорната работа имаа елан и насмевки на нивните лица на крајот од денот. Посебна драга им беше саботата на учениците и на наставниците од 4-те тетовки училишта, кои се радуваа на повторната средба и можноста за уште една дружба по завршувањето на летниот камп.

dsc_8767

Повеќето учесници изразија благодарност до организаторите и до сите доброволци кои дадоа свој придонес за реализација на акцијата, и искажаа подготвеност за учество и организација на уште една еколошка акција во градот.