Sunday, July 25, 2021

Дебатата како алатка за градење мостови

Што е аргумент и како се прави аргумент? Какви права и вредности треба да се промовираат во мултикултурните демократски општества? Како да се разликува слободата на изразување од говорот на омраза?

Ова се само дел од многуте интересни теми што ги дискутираа младите дебатери на првата ПМИО Дебатна академија, организирана во соработка со партнерската организација Младински образовен форум.

На дебатната академија, која се одржа од 13 до 15 октомври, учествуваа околу 120 средношколци од различни училишта од цела Македонија. Програмата на академијата овозможи активна вклученост како на почетниците-дебатери, така и на поискусните дебатери кои се веќе дел од дебатните клубови на ПМИО и МОФ.

Средношколците-почетници ги изучуваа основите на дебатата како организирана и аргументирана дискусија, се запознаа со основните правила на дебатните формати и ги развиваа вештините за формулирање аргументи. Покрај теоретски предавања, учесниците проследија презентативна дебата и одблиску се запознаа со практичниот аспект на дебатирањето.

img_0579

Истовремено, напредните дебатери искусија нови перспективи и присуствуваа на неколку тематски предавања од областа на меѓуетничката интеграција. Во рамки на предавањата тие дискутираа за човековите права во мултиетничките и мултикултурните општества, правеа компаративна анализа на дискриминацијата наспроти интеграцијата, а своето знаење го збогатија и во насока на разликување на слободата на изразување и говорот на омраза во социјалните медиуми.

img_0252

По завршувањето на теоретските предавања, учесниците на академијата беа поделени во мешани тимови според своето искуство во дебатирањето и етничката припадност, со цел да се овозможи продлабочен контакт помеѓу припадниците на различни етнички заедници, како и пренесување на дебатните вештини од поискусните дебатери на почетниците. Вака формираните 32 тимови се натпреваруваа во компетитивен турнир составен од 2 прелиминарни рунди на тема: „Формалното образование е главен фактор за меѓуетничка интеграција на младите”.

img_0480

Победничкиот тим на турнирот, составен од Арсениј Перцов, Александра Бошнаковска и Мирјана Антовска ја застапуваше афирмативната страна и успеа да ја убеди публиката и судиите дека формалното образование навистина е главниот фактор за меѓуетничка интеграција на младите. Афирмативниот тим тврдеше дека со оглед на тоа што формалното образование има воспитно-образовна улога, е задолжително и трае долго, овозможува постојан контакт, запознавање и формирање на долготрајни пријателства помеѓу учениците, со што се разбиваат предрасудите и стереотипите.

img_0839

Негативниот тим, пак, составен од Никола Думовски, Александра Ѓоргиевска и Фуркан Мустафа, тврдеше дека иако формалното образование е несомнено влијателно, главниот фактор за успешна меѓуетничка интеграција се родителите кои ги водат децата низ животот, како и неформалното образование во кое учениците се вклучени доброволно и примарно заради своите интереси.

Тројцата најуспешни оратори а со тоа и најдобри говорници на турнирот беа Георги Божиновски, Арсениј Перцов и Александра Ѓоргиевска.

img_0803

За време на целата академија, учениците размислуваа критички и се изразуваа аргументирано, ги развиваа ораторските вештини, но и постојано работеа тимски и се дружеа, со што дебатата уште еднаш се покажа како корисна алатка за градење мостови.

Покрај едукативниот дел, самата програма вклучуваше и интерактивен забавен дел – игри, квизови и музика, кои дополнително ги продлабочија пријателствата помеѓу учениците. По тридневната академија, учениците си отидоа среќни и со искрена желба за многу нови средби на коишто ќе може да дебатираат.

img_0860