Saturday, October 16, 2021

Потпишување на Меморандум за соработка за реновирање на ОУ „Гоце Делчев“

DSC03814 (2)На 5-ти јуни 2014 година, започнаа активностите за реновирање на основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Илинден, преку потпишување на Меморандум за соработка помеѓу основното училиште  „Гоце Делчев“, општината Илинден и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО).

Меморандумот за соработка беше потпишан од раководителот на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО), Небојша Мојсоски, директорката на основното училиште „Гоце Делчев“, Душанка Крстевска и градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски. Според потпишаниот Меморандум за соработка, општина Илинден, основното училиште „Гоце Делчев“ и ПМИО, преземаа обврски да ги променат прозорците во ходниците, да ја бојадисаат фасадата и да го поправат котелот во котларата. Придобивка од активностите за реновирање ќе имаат 1.030 ученици и 68 вработени во училиштето.

До сега, како дел од активностите на ПМИО беа реновирани 22 училишта во 2012 и 2013 година. Во 2014 година се планира да се реновираат уште 13 училишта. Ова е првиот потпишан Меморандум за соработка за реновирање на училиште во текот на 2014 година, а уште 12 меморандуми ќе бидат потпишани со училишта и општини во кои ќе бидат имплементирани проекти за реновирање на училишта во текот на оваа година.