Sunday, September 26, 2021

Крај на реновирањето, за почеток на ново партнерство и другарување

DSC03728Со голема возбуда, на 4 јуни годинава, учениците, наставниците и родителите во основното училиште „Никола Карев“ од Кочани го прославија крајот на реновирањето и завршетокот на изградбата на новиот влез во училишната зграда, кој ќе ја подобри безбедноста и ќе им помогне на учениците полесно и на време да стигнуваат на часовите. Учениците, за возврат, на свеченоста по овој повод ги воодушевија присутните со нивната креативност, и ги измамија нивните насмевки и бурни аплаузи со настапот на школскиот хор, инструменталните изведби на оркестарот и со изведба на заедничко оро.

На почетокот на настанот на присутните им се обратија директорот на училиштето, Владо Андов, градоначалникот на општина Кочани, Ратко Димитровски, заменик министерот за образование и наука, Сафет Незири. Свое обраќање имаше и претставникот на европската команда на американската војска, капетан Дејвид Бустаманте. „Меѓуетничката интеграција во образованието на државните училишта е клучна за мирот и стабилноста во Република Македонија. Со тоа се овозможува идните лидери да растат со заеднички вредности и изградени пријателства – пријателства кои поттикнуваат на соработка во интегрирано општество“, истакна Бустаманте.

Potpisuvanje 1 (2)За прв пат на ваков настан, на самиот крај, претставниците на училиштето потпишаа меморандум за партнерство со основното училиште Форина од Гостиварско. Директорката на училиштето Форина, Бедрије Алиу, која истакна дека за прв пат е во Кочани, покажа голема желба и подготвеност за соработка со нивните нови партнери. Преку оваа соработка, се очекува учениците од двете училишта да учествуваат на заеднички истражувачки проекти, излети, екскурзии, спортски игри, приредби. На тој начин, тие ќе градат меѓусебна доверба и ќе учат како заеднички да живеат во мултиетничко опкружување.  Досегашните партнерства на многу училишта остварени преку ПМИО ни влеваат надеж дека младите кочанчани и гостиварци набргу ќе не израдуваат со нови успеси.

Зафатите за реновирање беа спроведени во партнерството со училиштето, општината и Министерството за образование и наука.  Се покажа уште еднаш – кога сме сложни, многу полесно се гради убава иднина за децата во Македонија.