Wednesday, July 28, 2021

На заедничко ашуре во Охрид

IMG_5781Понесени од духот на традицијата, на 20-ти Ноември, 15-тина родители од сите заедници, заедно со учениците од училишната заедница и наставници што предаваат на трите наставни јазици од основното модел училиште „Братство Единство“ од општина Охрид, во училишната кујна заеднички подготвија ашуре, традиционален десерт кој се користи во овој регион. Во подготвителните активности се вклучија сите – едни ги набавуваа и спремаа  состојките, други учествуваа во варење и мешање на ашурето,  трети ги подготвуваа  декорациите за следниот ден,  за закажаната заедничка дегустација на десертот.

Noemvri 2014 036Утредента, на самата дегустација, освен родителите, учениците и наставниците, учествуваа и претставници на општината како и на локалните образовни институции. Сите тие се запознаа со рецептот за правење на десертот но и со значењето, симболиката на прославата на месецот на ашуре, која ги истакнува вредностите на солидарноста, споделувањето, богатството и заедничкиот живот. И не само тоа, преку самата активност, сите присутни се потсетија на рецептот за негување на добрите односи меѓу заедниците. Како што ашурето вклучува различни состојки, и претставува богатство на различни вкусови, така и самата активност на родителите ги истакна придобивките на заедничкото делување во насока на зајакнување на меѓусебното почитување и меѓуетничката интеграција.