Thursday, August 5, 2021

Заедничкa еднодневна екскурзија и дружење на учениците од модел училиштето Здравко Цветковски

Како успешен пример дека учениците од различни етнички групи можат да се дружат заедно, да уживаат во посетата на различни места, да учат за различни култури и заедно да ги јадат своите омилени јадења, може да се види од екскурзијата што беше организирана од страна на училиштето и учениците од Здравко Цветковски на 10 октомври 2012 година.

Оваа активност беше организирана од страна на училиштето како резултат на серијата обуки коишто беа направени од страна на УСАИД преку Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието. Раководството на училиштето и тимовите за училишна интеграција од модел училиштата преку овие активности имаа можност да ги надградат своите вештини за меѓуетничка интеграција во образованието на крајот на август и во почетокот на септември 2012 година.

Преку многубројните податоци за Шарената џамија и за манастирот Свети Јован Бигорски, учениците имаа можност подобро да се запознаат со културното наследство како предуслов за заемното почитување и разбирање на мултикултурните и мултиетничките вредности на нашата земја.

Учениците отидоа дома полни со убави впечатоци. Тие, не само што научија за различните култури туку имаа и несекојдневна можност да се забавуваат, да споделат приказни од секојдневниот живот со други пријатели и врсници.

Заедно ја пренесоа пораката „Ние имавме прекрасен ден. Посетивме места кои нè зближуваат и ни даваат можност уште подобро да се запознаеме едни со други, да научиме за нашите култури и различните обичаи. Научивме за богатството на нашата земја“.

Следните активности училиштата ги планираат за декември 2012 година.