Saturday, October 16, 2021

Љубовна приказна од Западен Балкан: „ШЕКСПИР НА ВРАТА“

DSC_1025На 29 октомври 2014 година, во Домот на културата во Кавадарци, градоначалникот на општината им посака добредојде на учениците, наставниците, претставниците на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и на претставниците на ЦИУ Мултимедиа. Настанот беше организиран со цел да се промовира финалниот производ од креативните работилници во кои беа вклучени 35 ученици од средното училиште „Добри Даскалов“ од Кавадарци, кои вредно работеа и се дружеа во последните шест месеци, и успеаја да покажат дека креативноста, соработката и прифаќањето на разликите се двигател за меѓусебно разбирање и соживот.

Резултатот од работата на овие млади луѓе е театарската претстава „Шекспир на врата“ – западно балканска верзија на светски познатата трагична љубовна приказна за забранетата љубов меѓу Јуле и Роме. Ова се двајца млади луѓе кои се сакаат, и единствена пречка се нивните семејства со различен социјален статус.  Оваа современа приказна содржи многубројни хумористични сцени и сцени од секојдневниот живот, па публиката во Домот на културата во Кавадарци се забавуваше речиси еден час.

За среќа, во оваа верзија, љубовта победува. Јуле и Роме, и покрај караниците и пречките од нивните семејства, се преселуваат во Еквадор и си живеат среќно до крајот на животот. Во претставата тие успеваат дури и да ги премостат недоразбирањата меѓу членовите на нивните семејства и да ги натераат да се смират и да се засакаат.

Во Домот на културата, учениците од сите средни училишта од Кавадарци имаа можност да присуствуваат на уште една активност — Форум Театар дебата, каде модератори беа познатите актери Кети и Горан Илиќ.  Учениците во публиката активно учествуваа во играњето улоги и нудеа креативни решенија.

DSC_1061Кавадарци е уште еден добар пример во низата млади генерации кои се подготвени да стимулираат меѓуетнички соживот. Учениците од Добри Даскалов, кои беа дел од креативните работилници од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, ветија дека ќе продолжат да споделуваат и да даваат добри примери за меѓуетничка интеграција, не само во Македонија, туку и во странство. Нивниот следен чекор во таа насока е учеството со театарската претстава „Шекспир на врата“ на фестивал кој наскоро ќе се одржи во Банско, Бугарија.