Wednesday, July 28, 2021

Средношколците од Крушево заедно со партнерите од Тетово го прославија реновирањето на училиштето

На 10 октомври 2014,  во СОУ „Наум Наумовски Борче“ од Крушево се одбележа завршувањето на процесот на поставување алуминиумски прозори во училишниот објект, со што учениците од ова училиште наставата ќе ја следат во подобрени услови и енергетски ефикасна училишна средина.

DSC05139На свечениот настан, на публиката составена од ученици, наставници и родители и се обратија Мајор Џефри Ван Сикл, Шеф на канцеларијата за воена соработка при амбасадата на САД, градоначалникот на општина Крушево Ѓорги Дамчески и директорката на училиштето Фаница Николоска,  испраќајќи  едногласна порака –  „Заедно сме посилни“.

По свеченото сечење на лента, присутните ја проследија симпатичната претстава со две интегрирани музички точки и флеш моб танц, на кој се приклучија и учениците од партнерското училиште СОУ „Моша Пијаде“ од Тетово.  Освен тоа, учениците од двете училишта ги презентираа заедничките активности кои ги спроведувале во текот на изминатиот период. Меѓу другото, тие заеднички работеле на составување на информативна веб страница за Крушево и Тетово, при што целата комуникација за договарање на активноста, распределување на задачи и споделување на идеи се одвивала преку интернет.

DSC05030Иако овој настан беше нивна прва директна заедничка средба, учениците од двете партнерски средни училишта „Наум Наумовски Борче“ и „Моша Пијаде“ не чекаа ни миг, веднаш се фатија за работа и приготвија заедничка трпеза во училишната кујна, но со заменети улоги: учениците-домаќини готвеа тетовски  специјалитети, додека учениците од Тетово засукаа ракави и изготвија вкусни крушевски специјалитети. На заедничката трпеза беше претставена и брошура со рецепти од зготвената храна на три јазици – на влашки, македонски и албански јазик. Откако ја презентираа активноста пред публиката, секако, следуваше заедничко дегустирање на вкусните специјалитети.

DSC05211Реновирањата кои се реализираат во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и со средствата од Европската Команда на Американската Војска имаат за цел подобрување на условите за учење на учениците во Македонија, но пред се претставуваат поттикнување за интензивирање на меѓуетничката соработка и дружење. Двете средни училишта од Тетово и Крушево ветуваат дека ќе продолжат да работат кон една интегрирана иднина не само во нивните училишта, туку и во средината во која живеат.