Monday, December 6, 2021

Свечено сечење на лента за одбележување на завршеток на реновирањето во средното економско училиште 8 Септември во Тетово, Македонија

Проектот на УСАИД за меѓуетничкa интеграција во образованието во соработка со средното економско училиште “8 Септември” од Тетово и општина Тетово организираше свечено сечење на лента на 26 октомври 2012 година по повод успешното завршување на замената на училишните прозорци, врати и подови. Голем број на гости беа присутни на настанот, меѓу кои и американскиот амбасадор во Македонија Пол Д. Волерс, директор за меѓуаганциско партнерство на европската команда на американската војска, Мајкл Рајан, вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор Муса Џафери, министер за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, како и претставници од образовни институции, наставници, родители, ученици и претставници на локалната заедница.

Овој проект е пример за успешно партнерство меѓу инволвираните страни со една заедничка цел – обезбедување на подобри услови за учење и подобра иднина за учениците во ова училиште. Улогата на училиштето во процесот на реновирање беше во демонтирање на старите прозорци и подови додека општина придонесе со замена на старите врати со нови во училниците. Целта на свеченоста беше да се одбележи реновирањето на училишната зграда, како дел од активностите насочени кон создавање на подобра средина за учење за меѓуетничката интеграција во образованието и за подобра иднина на сите ученици.

“Различни култури, традиции и јазици никогаш не е лесно да се прифатат, но сите ние мора да сфатиме дека светот станува се повеќе разновиден секој ден. Сите ние мора да научиме да ја гледаме различноста како потенцијал, наместо пречка.  Дозволете ми да ги нагласам напорите и поддршката од страна на родителите. Вашиот волонтерски ангажман во овој процес на реновирање на училиштата докажува колку сте посветени да ги добиете најдобрите условите во училиштето за вашите деца. Покрај тоа, многу е важно што вие како родители, покажувате особен интерес за поддршка на меѓуетничката интеграција на младите од ова училиште и во промовирањето на разновидноста. Како и насекаде во светот, младите луѓе од Македонија треба да работат заедно за да ја изградат својата иднина. Училиштата се места каде учениците и наставниците од различни потекла се среќаваат и разменуваат искуства, и тоа се местата каде што младите можат да научат да ги почитуваат и ценат другите без оглед на нивната етничка, верска или социјална припадност” изјави американскиот амбасадор Пол Д. Волерс.

Процесот на реновирање е финансиран од УСАИД и Европската команда на американската војска (EUCOM) и претставува само еден сегмент од бројот на активности кои училиштето ќе ги преземе во следните години како што се градење на капацитетите на училишното раководство со што ќе се обезбедат услови за создадавање на одржливо интегрирано образование, вклучување на родителите во активностите на училиште за подобрување на меѓуетничката комуникација и премостување на етничките и социјалните празнини. Со чинот на сечење на лента, училниците беа пуштени во употреба.