Tuesday, September 28, 2021

Свечена церемонија во основното училиште Тефејуз во Скопје

Со пеење на химната на училиштето Тефејуз, училишниот хор официјално ја отвори свечената церемонија денес, на 6 декември 2012, со која што се одбележа завршувањето на процесот на реновирање во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.

Градоначалникот на општината Чаир и училиштето беа домаќини на овој настан коишто топло ги пречекаа претставниците од УСАИД, ЕУКОМ и тимот на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, a присутни беа и наставници, родители и ученици. Прославата вклучи зборови на благодарност и разни изведби на учениците, со што се создаде весела и пријатна атмосфера.

„Етничката интеграција никогаш не е лесен процес во ниту еден дел од светот. За неа треба волја, упорност и организирани напори од страна на наставниците, родителите, раководствата на училиштата и водачите на заедниците“ – истакна директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Роберт Вурц. „Среќен сум што слушам и сум сведок дека Вашето училиште е успешен пример за тоа како можат да се негуваат добри меѓуетнички односи.“

Процесот на реновирање е финансиски поддржан од страна на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави / Европска команда (ЕУКОМ).

Училиштето и општината дадоа ветување дека ќе продолжат да бидат посветени кон непрекинатото спроведување на активности коишто ја унапредуваат меѓуетничката кохезија и соработка.