Sunday, July 25, 2021

Преполн Дом на културата за перформансот на средношколците од Гостивар

DSC09677На 25 февруари, 2015, група талентирани ученици од СТУ „Гостивар“ од овој град го претставија продуктот од креативните работилници пред публика која ја наполни целата сала во Домот на културата во Гостивар. Настанот беше проследен од ученици од сите средни училишта во градот, родители, претставници од општината, и претставници од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.

Околу триесетина ученици од различни наставни јазици работеа заедно цели шест месеци, во духот на креативноста, соработката и заедништвото. Со помош на наставниците и двајца професионални актери, средношколците подготвија интегриран мултимедијален перформанс, во кој говореа на четири јазици, и ѝ докажаа на публиката дека многу добро го владејат и говорат нивниот заеднички јазик, тој на креативноста. Тие изведоа и неколку музички точки, во кои со ракоплескање се приклучи и публиката.

DSC09693По перформансот, учениците присуствуваа на форум-театар и активно се вклучија во решавање на фиктивна ситуација – каде еден од актерите, „опресорот“, не го прифаќа предлогот за одење на заедничка екскурзија на учениците од албанска и македонска паралелка. Предлозите на средношколците за решавање на дадената „ситуација“ беа инклузивни, креативни и конструктивни, и покажаа дека другарувањето со соученици од други наставни јазици им отвора нови видици и волја да бидат добри примери за заедништво во општеството.