Saturday, October 16, 2021

Настан за свечено сечење лента во ОУ „Мите Богоевски“ во општина Ресен

Општина Ресен и ОУ „Мите Богоевски“ го прославија официјалното отворање на реновираното училиште со обновен покрив и нови пристапни рампи за лицата со хендикеп.

Членовите на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, заедно со училиштето и општината, на 29 ноември 2012 година ги собраа наставниците, родителите, децата и одговорните во општината со цел да го одбележат овој ден и да им честитаат за успешното реновирањето во нивното училиште.

Заедно со локалното население, на настанот присуствуваа и: претставникот на УСАИД, Лела Јаковлевска, високиот претставник на Европската команда на американската војска, Марк Воткинс и градоначалникот на Ресен, Михаил Волкановски.

Училиштето „Мите Богоевски“ е пример на училиште со стара традиција и на добри меѓуетнички односи на сите заедници коишто живеат во кохезија.

„Знаејќи го ова, тоа е пример што можеме и понатаму да го промовираме во другите училишта и локални заедници за меѓусебно разбирање, почит и интеграција на сите, без оглед на етничката или друга припадност. Би сакал, исто така, да им се заблагодарам и да им оддадам признание на родителите за нивната вклученост во процесот; да им дадам поддршка на членовите на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието за нивните напори училиштата да станат места каде што сите деца се еднакви“ – рече г. Воткинс за време на својот говор.

Процесот на реновирање беше финансиски поддржан од страна на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и Европската команда на американската војска (EUCOM). Тој претставува само еден од многуте активности што училиштето ќе ги спроведе во наредниот период со цел да се создадат и да се одржат услови за меѓуетничка интеграција во образованието.