Tuesday, October 26, 2021

МЦГО на прослава на роденденот со учениците од село Маврово

DSC03426Во текот на месец јуни, Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) слави 10 години од своето постоење, 10 години исполнети со успеси насочени кон подобрување на образовниот систем на Македонија. По тој повод, на 31 мај, вработените на МЦГО го посетија подрачното училиште „Денче Дејаноски“ во с. Маврово, каде што заедно со учениците, родителите, наставниците и миленикот на училиштето кучето Лаки го прославија овој јубилеј.

Она што е најинтересно е што ова училиште брои само 3 ученика, но за оваа пригода во училиштето дојдоа сите дечиња од најразлични возрасти кои што живеат во Маврово. Во дворот на училиштето се поставија маси и се послужија домашно зготвени јадења, дела на вредните раце на вработените на МЦГО. По гозбата, следуваше програма со спортски активности за учениците. Меѓутоа, на игрите не им одолеаја и повозрасните, кои за кусо време се приклучија – едни скокаа јаже, други играа фудбал со рака, трети играа сервис, а останатите навиваа од страна.

Во исто време, дел од присутните се фрлија на работа – се декорираа училниците и ходниците на училиштето. На уредувањето се придружија сите вработени, ученици и наставници. Се лепеа слики од животни, букви и бројки, постери, со што училиштето, за кусо време, доби сосема нов изглед.

Возбудени и среќни поради забавниот ден исполнет со игри, ниту еден од присутните не можеше да се раздели од своите пријатели.  Тој ден не беше важно кој победил, кој загубил, кој колку нацртал, обоил, дотерал. На крајот, сите, особено децата, беа среќни и од дружбата, но и од сработеното, а сето тоа изведено во само еден ден во кој сите уживаа и се забавуваа.

МЦГО и во иднина ќе продолжи да работи на унапредување на образованието во Македонија во сите сфери – меѓуетничката интеграција, училишнаta инклузивност, професионалниот развој на наставниците и многу други. А деновите како овој, исполнети со насмевки и задоволство на луѓето со кои соработуваме, ни даваат дополнителен поттик да продолжиме уште поинтензивно со нашата работа.

Среќен роденден и нека ни се множат!