Sunday, September 26, 2021

Креативноста е универзален јазик кој ги зближува младите

DSC04652Три месеци интензивно и креативно учење и дружење, и одлични заеднички уметнички производи на ученици од различна етничка припадност од цела Македонија.  Тоа е резултатот на вториот циклус креативни работилници на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, што се спроведуваше во шесте избрани средни училишта од различни градови од земјава. Во циклусот работилници кој привршува деновиве, учествуваа околу 25 ученици од средните училишта „Добри Даскалов“ од Кавадарци, „Орде Чопела“ од  Прилеп, „Љупчо Сантов“ од  Кочани, „Гостивар“ од  Гостивар, „Св. Климент Охридски“ од Охрид и „Цветан Димов“ од Скопје.

По завршувањето на работилниците, секое од овие училишта во својот град ќе се претстави со финален продукт, подготвен од страна на самите ученици. Во месеците што претстојат до крајот на годинава, во соработка со општините ќе се организираат јавни настани, каде што овие креативни продукти ќе се презентираат пред соучениците, родителите и наставниците. Финалните производи на учениците од креативните работилници опфаќаат повеќе видови уметнички израз – концерти, изложби на фотографии, драмски претстави и друго,  кои ги прикажуваат вредностите на соживотот, меѓуетничката интеграција и почитувањето на различностите.

Креативните работилници, во кои учениците три месеци работеа неуморно во мешани етнички групи, покажаа дека креативноста и играта се универзален јазик кој ги зближува младите, но и  одлична алатка за другарување и создавање нови пријателства помеѓу ученици од различни припадности. Насмевките на лицата на младите и нивниот ентузијазам, кои беа неодминлив дел од сите работилници,  докажаа дека креативноста и уметноста се едни од најефикасните начини за рушење на бариерите кои постојат меѓу нив.