Sunday, September 26, 2021

Како до ефикасно и подобро информирање за успесите и активностите за меѓуетничка интеграција во образованието?

slika 2Како да комуницираме со различни целни групи, како да подготвиме ефикасни јавни презентации, како да препознаеме стереотипи и говор на омраза и да го избегнеме нивното користење во училиштата и јавната комуникација? Ова се само дел од содржините кои беа опфатени на двете работилници со членови на училишните тимови за интеграција, што се одржаа во Скопје кон крајот на август.

Циклусот работилници за планирање на ефикасни интерактивни јавни презентации во контекст на меѓуетничката интеграција во образованието се спроведуваат како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. Досега беа спроведени десетина работилници на кои учествуваа претставници на тимовите за интеграцијата од основните и средните училишта од целата земја.

Покрај теоретските предавања, учесниците на работилниците работеа и конкретни вежби за планирање и подготовка на кратки изјави и настапи пред специфична целна публика. На крајот од секоја работилница, преку играње на улоги, учесниците поделени во тимови дебатираа и ги спротивставуваа ставовите за конкретни теми поврзани со меѓуетничката интеграција во училиштата.