Friday, July 30, 2021

Изразување на меѓуетничка интеграција преку театар и уметност

На 14 јуни, во Уметничката галерија “Безистен” во Штип, талентирана група на млади ученици од средно училиште Славчо Стојменски одржа завршна презентација во врска со креативните работилници како дел од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. Овие активности беа спроведени од страна на учениците и наставниците од училиштето во период од три месеци.
Презентацијата се состоеше од театарска претстава со наслов “Љубов çok, Разделба Јок”, во која станува збор за љубовна врска помеѓу двајца млади луѓе, Мерима и Игор, припадници на различни етнички заедници (Турчинка и  Македонец), која е предмет на озборувања и подбивања од страна на околината, нивните врсници, кои не веруваат дека овој тип на љубов може да трае. Заљубениот пар го докажа спротивното.  Додека траеше претставата, на другата страна на Безистен, две ученички сликаа различни мотиви со живописни бои. На крајот од презентацијата, публиката можеше да ги проба подготвените традиционални јадења од страна на родителите и учениците од етничките заедници кои беа вклучени во процесот.

На завршната презентација присуствуваа градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, општински претставници, државниот секретар во Министерството за образование, Елизабета Тодоровска, наставници, директори на училишта, родителите и други гости.

„Примерот од Штип, посебно во овој актуелен момент , треба да служи за пример и на другите општини, како треба да се негува соживотот ,“- рече државниот секретар, Елизабета Тодоровска.
УСАИД проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) има активности од овој тип во седум други училишта во текот на 2013 година, со цел да се подобри меѓуетничката интеграција во образованието.