Friday, July 30, 2021

Здравје за сите, без оглед на припадноста!

DSC02648Во преполна просторија која беше тесна да ги прими сите заинтересирани, ученици, наставници, претставници од тимот на ПМИО и претставници од општина Велес, ја проследија презентацијата на студијата на случај во мултиетничка компанија, која се одржа на 22 мај во средното училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес.

На презентацијата, средношколците од ова училиште ги претставија наодите од нивното истражување и видео записот од теренските посети на ПЗУ Поликлиника „Виталино“, која служи како пример за градење на заедништво во овој град. Иако има вработени само од македонската етничка заедница, поликлиниката им нуди здравствени услуги на пациенти од сите етнички заедници кои живеат во Велес – Турци, Албанци, Роми, Македонци со исламска вероисповед, Бошњаци и сл.

Тимот на ученици – истражувачи исто така беше со етнички мешан состав – по двајца претставници од секоја од овие етнички заедници. Откако го презентираа историјатот на компанијата и наодите од истражувањето добиени преку анкети и интервјуа со вработените во фирмата, тие ги изнесоа и заклучоците и препораките од студијата. Една од поважните препораки гласеше дека би било многу продуктивно доколку колективот се збогати со вработени од другите етникуми, што би помогнало во секојдневната комуникацијата со пациентите.

Учениците го прикажаа и видео записот, кој го документираше целиот процес на изработка на истражувањето. На крајот, тие добија сертификати за вклученост во оваа активност, која се спроведе како дел од партнерството на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и „Моја кариера“.