Thursday, August 5, 2021

Граѓаните и учениците од Врапчиште порачуваат: „Заедно сме посилни – интегрирано сме поуспешни“

DSC06198Свечениот настан на сечење лента, со кој се одбележа завршувањето на реновирањето во ОУ „Врапчиште“ од с. Врањовце, општина Врапчиште, уште еднаш  покажа дека кога се вклучува целата локална заедница во вакви активности, успехот е многу поголем, среќата на сите е неизмерна, а соживотот се унапредува и зацврстува. На 29 октомври годинава, во холот на училиштето се собраа ученици, наставници, родители, баби и дедовци, мајстори кои работеа на кровот на куќата во близина на училиштето, претставници од ЕУКОМ, ПМИО, УСАИД и многу други, за да ја проследат свечената програма подготвена од училиштето за оваа радосна пригода, и да ги слушнат обраќањата и честитките на министерот за образование и наука Абулаќим Адеми, градоначалникот на општина Врапчиште Бајрам  Кадрија, директорот и заменик-директорот на училиштето, како и потполковникот Џен Форд, воздухопловното аташе од Канцеларијата на Военото аташе при Амбасадата на САД во Скопје.

Реновирањето на кровот, фасадата, подовите и електричната инсталација во училиштето, кои се реализираа преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието со финансиската поддршка на ЕУКОМ, е само еден поттик за учениците и целата локална заедница и да продолжат понатаму да соработуваат и да создаваат заеднички успеси.

DSC06387А дека ваквото охрабрување и помош резултира со поголемо интегрирање и вклучување на целата заедница, покажаа родителите и многу други жители на с. Врањовце, кои помогнале и за време на процесот на реновирање, но и во организирањето на овој свечен настан.  Учениците од ОУ „Врапчиште“, кои ја следат наставата на албански, македонски и турски јазик, исто така демонстрираа дека различностите не ги спречуваат да се дружат меѓусебно и да учат едни од други. Тие тоа го покажаа преку заедничкиот перформанс во чест на Halloween, кој со возбуда го проследија присутните на свечениот настан. После програмата, следеше коктел со вкусни локални јадења подготвени целосно од страна на мајките од с. Врањовце.