Thursday, August 5, 2021

Кумановските средношколци од „Киро Бурназ“ со заедничка честитка за 8-ми март

Во пресрет на 8-ми март, 40 ученици од ССОУ „Киро Бурназ“ – Куманово, кои ја следат наставата на албански и на македонски јазик, заеднички декорираа глинени вазни и испишуваа пораки со честитки за Денот на жената на двата јазика. За учениците, оваа работилница не беше прва средба, бидејќи тие и претходно соработувале во други активности. Идејните решенија за декорирање, како и подготовките за работилницата ги договориле однапред комуницирајќи на интернет, под менторство на наставниците Жаклина Величковиќ и Јашар Хасани.

Во училиштето „Киро Бурназ“ наставата се одвива на два јазика, и тоа на македонски јазик во централното училиште, каде што учат околу 500 ученици, и на албански јазик во подрачната зграда на училиштето каде што учат 35 ученици. Иако наставата се одвива во два објекти кои се оддалечени 7 км, училиштето реализира мноштво различни заеднички активности – разни натпревари, работилници и акции, во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција и во други проекти, со цел да се овозможи соработка и дружење на учениците од двата училишни обкјети.

Декорирањето помина во весела атмосфера, дружба и соработка меѓу учениците. На крајот, лицата на учениците зборуваа за убаво поминатото време, и за задоволството од изработените вазни. Соработката продолжува интензивно деновиве –  преку учество во еколошки активности, планирани за втората половина од месец март.