Friday, December 3, 2021

Училишта од Охридско и Тетовско сами иницираат активности за меѓуетничка интеграција

На 13 октомври 2014, ОУ „Фаик Коница“ од с. Доброште, општина Теарце, беше домаќин на партнерското училиште ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти, Охрид, со што започна реализацијата на заеднички подготвена програма на ученички активности за меѓуетничка интеграција. Двете училишта, со голем ентузијазам за меѓусебна соработка и запознавање, ги изведуваат партнерските активности на сопствена иницијатива и со општинска поддршка.

Срдечниот дочек на домаќините, како и ентузијазмот при претходната подготовка на наставниците од двете училишта, овозможија создавање на атмосфера на пријателство и мотиDSC05297вираност за работа на учениците, кои во текот на денот  реализираа голем број заеднички наставни и воннаставни активности:  заеднички час по англиски јазик посветен на Halloween, заеднички час по македонски јазик кој започна со претстава за Итар Пејо во изведба на учениците од ОУ „Фаик Коница“, часови по математика за 6-то и 7-мо одделение, ликовна работилница, два спортски натпревари во фудбал и одбојка во мешани групи, а заедничката дружба заврши со изведба на музички точки.

„Оваа посета претставува зајакнување на воспоставеното партнерство и развивање на нашето пријателство и соработка, кои започнаа во мај оваа година, кога со неколку наши наставници го посетивме ОУ „Живко Чинго. Наставниците и учениците од партнерското училиште се прекрасни и соработливи. Соработката меѓу двете училишта е на највисоко ниво и убедени сме дека истата ќе се продлабочува и проширува во иднина. Овие две училишта претставуваат вистински пример за добро партнерство насочено кон меѓуетничката интеграција” вели директорот на ОУ „Фаик Коница“, Реџеп Даути.

Со слични размислувања е и неговиот колега од училиштето од Влегошти  „Сите бевме воодушевени од самиот прием, топлиот пречек на наставниците и учениците и посебно ни е драго зашто тоа за нас беше нешто ново. Сите сме луѓе со исти проблеми и нѐ мачат исти секојдневни работи. Кога подлабоко ќе се запознаеме, ќе видиме дека нема некоја разлика меѓу луѓето. Реализацијата испадна многу поубаво од тоа што замислувавме.“, вели за посетата во Доброште директорот на ОУ „Живко Чинго“,  Ѓоко Чинговски.

DSC05398На средбата присуствуваше и градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани, кој го поддржа ова партнерство и ја изрази отвореноста за соработка на општина Теарце. „Теарце е општина која може да се земе како пример за соживот и соработка на сите етнички заедници кои во неа живеат “, нагласи Асани.

По завршувањето на активностите во училиштето, учениците и наставниците од двете училишта  ја посетија заедно Шарената Џамија во Тетово. Се надеваме дека ќе слушнеме уште многу успешни приказни слични на оваа.