Friday, December 3, 2021

Учениците од Прилеп и Зајаз се заложија за долгорочна соработка

slika2Неодамна, ООУ „Блаже Конески“ од Прилеп и ОУ „Реџ Рушит Зајази“ од Зајаз потпишаа меморандум за партнерство, со што одбележаа почеток на долгорочна и продуктивна соработка, чија цел е меѓуетничко дружење на учениците и професионална соработка на наставниците.

Поради големата желба на учениците, активностите започнаа веднаш по потпишувањето на меморандумот, па така, на почетокот на ноември 2014, веќе се реализираа четири работилници за запознавање на учениците. Целта на овие средби беше учениците да се запознаат, да разменат идеи, да се дружат и зближат, да соработуваат и заеднички да ги следат активностите на Денот на јаболкото. Во главната активност, учениците, поделени во пет групи составени од ученици од двете партнерски училишта, заеднички работеа на изготвување на план за заедничка активност за секоја од групите.

Јазичната бариера воопшто не беше пречка во меѓусебното разбирање и одличната соработка, а за поддршка, тука беа и координаторите на активностите, кои помагаа при комуникацијата. Во завршницата на средбата, учениците ги презентираа подготвените планови за заеднички активности – прошетка во Паркот на непобедените – Могилата, заеднички излет во природа, посета на Маркови кули, посета на Трговскиот центар Веро во Скопје, еколошка акција и многу други планови. На демократски начин, еколошката акција се одбра како прва активност која ќе се спроведе заеднички.

slika5Креативноста на предлозите, демократското однесување и почитта кон учениците од партнерското училиште, се показател за зрелоста на учениците од 3-то, 4-то и 5-то одделение, кои, без оглед на нивната возраст, покажаа исклучителна свесност и подготвеност за меѓуетничко дружење и соработка.