Sunday, September 26, 2021

Учениците од ОУ „Јане Сандански“: Заедно да ја чуваме природата!

Природата не познава јазик, етничка припадност, ниту пак религија. Природата е заедничко наследство на сите луѓе подеднакво, и сите заедно треба да се грижиме за да ја зачуваме. Тргнувајќи од оваа премиса, на 22 мај 2014, мешана група ученици од прво до петто одделение од ОУ „Јане Сандански“ од општина Чаир учествуваа на работилница на тема „Еколошко дрво“.

Учениците кои учествуваа на работилницата, наставата ја следат на албански, турски и македонски јазик. Тие нетрпеливо чекаа да започнат со цртање и боење на бувчињата, на кои напишаа и еко-пораки на трите наставни јазици. Потоа, во главниот хол на училиштето каде што беше поставено голем цртеж на еко-дрво, учениците ги прикачија бувчињата на неговите гранки. На крајот од работилницата, тие гордо застанаа и се фотографираа пред дрвото на кое беа закачени нивните уметнички продукти. Фотографиите, освен спомени, носат силна порака до сите нас: иако јазикот на кој овие деца говорат е различен, природата е нивното заедничко богатство, и извор на нивното здраво детство. А дружењето и детството се секако поубави кога децата се опкружени со зеленило и здрава животна средина.

На работилницата, покрај креативниот дел, учениците се стекнаа со знаење за како да ја зачуваат природата, како да се однесуваат кон неа, и како да ги информираат другарчињата за важноста на природата.

Оваа заедничка ученичка активност се спроведе во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција, и беше реализирана со помош на одделенските наставници од ОУ „Јане Сандански“ од општина Чаир.