Tuesday, September 28, 2021

ОУ „Панајот Гиновски“ од Скопје, одлични домаќини на висок претставник на УСАИД

На 11 декември, г-ѓа Кристи Вилсак, постар советник за образование во УСАИД во Вашингтон, го посети ОУ „Панајот Гиновски“ од општина Бутел за да ги проследи заедничките активности за меѓуетничка интеграција на учениците и наставниците. Најпрвин, тимот за училишна интеграција (СИТ) и наставниците, кои заедно со учениците и родителите ги реализираат  активности, ја пречекаа гостинката со домашни крофни, кафе и муабет,  споделувајќи искуства за соживотот во училиштето.

Притоа, Кристи заедно со наставниците и претставниците од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието се упатија по училниците, каде што нетрпеливите ученици ја чекаа гостинката да и покажат што тие заеднички подготвиле. Во првата училница, гостите набљудуваа заеднички час по биологија. Поделени во неколку групи, учениците изготвиле хамери и цртежи за човечкото тело и здравјето. Учениците дури и го измерија пулсот на Кристи, која се пофали дека редовно јаде зеленчуци и вежба.

Во втората училница, гостите присуствуваа на заеднички час по природни науки на ученици од четвртото одделение. Учениците имаа изработено ра   зни рељефи, сончевиот систем, а највпечатливо од сè беше приказот планетата на децата, каде што сите се сакаат и се почитуваат. Во третата училница, заедничката секција на учениците по англиски јазик го претстави  туристичкиот водич за Скопје, кој и беше подарен на Кристи за да се запознае подобро со главниот град.

Воодушевена од енергијата и соработката на учениците, Кристи не сакаше да си замине од училиштето. Им вети на учениците дека повторно ќе го посети нивното училиште, и дека штом се врати во САД, со сите ќе ги сподели нејзините позитивни впечатоци.