Sunday, October 17, 2021

Обуки за зајакнување на родителската вклученост во активностите за меѓуетничка интеграција во образованието

Директори, претставници на родителите, претседатели на училишните одбори, како и стручни соработници во училиштата беа дел од обуката посветена на зајакнување на родителската вклученост во активностите за унапредување на меѓуетничка интеграција во образованието (МИО), што се одржа на 1 и 2 јули во Скопје.

Обуката е дел од циклусот обуки за стручни соработници и училишни одбори кои беа спроведени во период од 24 јуни до 2 јули 2014 година, како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. На обуките учествуваа 370 учесници од сите 180 основни и средни училишта во земјата.

Целта на обуките е да се подобри соработката меѓу стручните соработници во училиштата (педагози, социолози, психолози, дефектолози итн.) и Советите на родителите, и на тој начин да се зајакне улогата и вклученоста на родителите во активностите за подобрување на МИО.

Во текот на обуките учесниците беа активно вклучени во предвидените дискусии и работилници споделувајќи ги своите мислења и идеи за поголемо вклучување на родителите во училишните активности за меѓуетничка интеграција. Тие во најголем дел сметаат дека училиштата треба да ги мотивираат родителите за поголем ангажман во активностите преку нивно вклучување уште од почетната фаза на планирање па се до промоцијата на постигнатите резултати.

Учесниците на обуките покажаа особена заинтересираност за вежбата ,,Барометар“ преку која ги споделија своите визии за напредокот на училиштата на планот на меѓуетничката интеграција.

Исто така за време на обуките беа разработени надлежностите на училишните одбори во делот на глобално планирање на активностите за меѓуетничка интеграција во образованието во Годишната програма за работа на училиштата (ГПРУ) и екскурзиите кои се регулирани со правилникот.