Tuesday, October 26, 2021

Насмевката е иста на сите јазици

Искрени насмевки, весел детски џагор, ученици кои љубопитно ѕиркаат во спортската сала нестрпливи да им се придружат на своите другарчиња. Ова е  сликата што не пречека во ОУ „Алија Авдовиќ“ на 15 мај годинава. Причината за тоа – заедничките спортски забавни игри, во кои учествуваа педесетина ученици од турска, албанска, бошњачка и македонска етничка припадност.

Младите повторно докажаа дека спортот и забавата не познаваат јазични граници. Учениците ги бодреа гласно  другарчињата од нивниот тим, кои дотогаш не ги познаваа. Возбудата и радоста беше очигледна и кај нив, но и кај наставниците, кои не само што ги насочуваа децата во работата, туку и со задоволство им се приклучуваа во игрите.

Многу објаснувања за овој прекрасен ден би биле излишни. Погледнете го ова видео, во кое самите ученици покажуваат зошто овој ден беше толку посебен за нив

Вакви игри и спортски активности се случуваат во многу училишта ширум земјата. Преку нив, ученици од различни етникуми, кои досега не се познаваа, воспоставуваат контакт и искрени детски пријателства кои траат. Тие се само една од активностите кои Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието ги спроведува во сите училишта во Македонија.