Wednesday, August 4, 2021

Меѓуетничка соработка – И возрасните можат да учат од помладите

DSC09628Стереотипи и предрасуди, родова (не)еднаквост, говор на омраза и насилство – ова се само неколку од темите, кои беа разработени на работилницата на учениците во СУГС „Браќа Миладиновци“ од Кисела Вода. Работилницата ја проследија и претставници од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, директорката на училиштето, претставници на родителите и стручните служби во училиштето.

Тоа што ги восхити возрасните беше добрата организација на работилницата, која беше целосна заслуга на учениците. Имено, тие ја смислија агендата, ги одбраа темите за дискусија, и ги осмислија практичните активности . Околу дваесетина ученици од ова училиште, измешани во група без оглед на јазичната или родовата припадност, присуствуваа и активно учествуваа на работилницата. Гостин на работилницата беше член од организацијата „Пипл ту пипл“, кој пред учесниците презентираше знаења и вештини на тема говор на омраза. „Ваквите активности, односно неформалното образование, повеќе ги зближува учениците и им помага да согледаат што е важно. А важно е да си помагаат и да соработуваат во секој аспект од учењето“ вели Јана Станоевска, наставник и член на тимот за училишна интеграција (СИТ) во СУГС „Браќа Миладиновци“.

Соработката на учениците во училиштето е навистина примерна. Тоа го потврдуваат и самите ученици. „Освен тоа што присуствуваме на вакви активности, учиме нешто ново, ги прекршуваме тие стереотипи и предрасуди, ја намалуваме дискриминацијата во нашето училиште. За време на паузите ние ги продолжуваме нашите дебати и на тој начин се зголемува нашата дружба и запознавање меѓу себе“, раскажува Христина Најдовска, учесник на работилницата.

DSC09630Се надеваме дека учениците од ова училиште ќе продолжат да иницираат и спроведуваат вакви активности, и ќе бидат пример не само за нивните врсници, туку и за повозрасните – за тоа како се соработува и се постигнува заедништво помеѓу сите граѓани, без оглед на припадноста.