Wednesday, July 28, 2021

Дисеминација на обуки за меѓуетничка интеграција во пилот училиштата

Во рамки на компонентата градење капацитети на училишно раководство и наставниците  се отпочна со дисеминација на обуките за меѓуетничка интеграција во образование на училишно ниво. Средните училишта  Таки Даскало од Битола и Гоце Стојчевски од Тетово и основните училишта Прпарими с.Речица и Беса, с. Вешала од општина Тетово се првите училишта кои во периодот од 21-28.12.2012 ги спроведоа обуките за воведување на концептот за меѓуетничка интеграција во образованието на училишно ниво.

Обуките беа спроведени од страна на училишни обучувачи кои претходно учествуваа на обуки и други консултативни состаноци за да се стекнат со компетенции за успешно пренесување на содржините за меѓуетничка интеграција на колегите во своите училишта.

Во текот на обуките училишните обучувачи имаа стручна поддршка од мастер обучувачите/ментори и од соработниците од Лоја и Сумнал како партнер организациите на ПМИО. Позитивниот дух и мотивираноста на обучувачите овозможија дисеминацијата да протече во најдобар ред. На обуките во наведените четири училишта учествуваа вкупно 215 наставници.

Повеќето учесници истакнаа дека најинтересниот дел на обуката беше практичната активност во која тие имаа можност да планираат заеднички наставни и воннаставни активности меѓу ученици од различни етнички/јазично заедници.

Преку оваа активност учесниците добија практична претстава на моделот за меѓуетничка интеграција во образованието во кој што учениците преку искуството на заеднички активности ќе можат да учат да комуницираат и соработуваат едни со други, да ги препознаваат меѓусебните сличности и разлики и да ги намалуваат предрасудите за другите.

На крајот на обуката учесниците во средното училиште Таки Даскало од Битола истакнаа: „И до сега во нашето училиште се реализираа проекти од областа на меѓуетничка интеграција,  но сега преку обуката добивме нови сознанија, нови идеи и мотив за поголема ангажираност во заеднички проекти во партнерство со училишта со друг наставен јазик“.

Училишниот обучувач Арзике Јонузи од ОУ Прпариме го искажа задоволството од учеството на колегите во обуката и верувањето дека направени се првични чекори за отпочнување на активности кои на учениците од различни етнички заедници ќе им овозможат поголемо зближување и пријателство.