Thursday, August 5, 2021

Пријателствата од Чеплес

Нема зборови кои ќе го доловат впечатокот на учесниците на тридневната активност на ПМИО која се одржa во Планинарскиот дом Чеплес и на која учествуваа 32 ученика – 16 од ОУ „Лирија“, с. Горно Јаболчиште со албански наставен јазик и 16 ученика од ООУ „Тодор Јанев“, Чашка со македонски наставен јазик. Искрено, на почетокот пристигнавме со доза на резервираност бидејќи не бевме сигурни дали сè ќе биде како што треба. Во нашата општина има добар соживот, но сепак тоа се деца, и тоа повлекува голема одговорност.

На почетокот децата добија исти маички – сите! И веќе не се разликуваа меѓу себе кој од каде е и што е. Денот започна со мразокршачи – активности за кои не се потребни многу зборови но во кои беше неопходна меѓусебна помош- тие си подаваа рака, се поткренуваа, си подаваа топка и сл. Секоја активност ја објаснувавме на двата јазика, но верувајте, децата почнаа, ми се чини, да се разбираат со поглед.

Деновите беа целосно исполнети со активности. Покрај преполната агенда на активности, требаше и ние, наставниците да смислиме дополнителни активности. Првиот ден помина претежно во спортски игри – фудбал, одбојка и ора, а за цело време се слушаше музика и весели гласови на ливадата пред домот. Вториот ден, сите заедно заминавме на планинарење со професионален планинар кое траеше некаде околу 4 часа. Низ разлистаната шума се слушаа песните „Македонско девојче“ и „Roka mandolinen“ , пеени од сите 32 ученика заедно. Уште првиот ден децата самоиницијативно си ги научија овие две песни и заеднички одлучивме истите да ни бидат химни.

Попладнето го започнавме со изработка на заеднички цртежи на слободна тема. Во мешани групи, учениците цртаа и пишуваа поезија. Додека го пишувам ова имам насмевка на моето лице кога ќе се сетам колку убаво изгледаа. Тие „се караа“, но кавгите им беа каква боја да биде некој цвет, дали да бојат со јагленчиња или само со молив, со фломастери ли или со дрвени боички.

Следниот ден цртаа цртежи на тема „Другарство“, инспирирани од тие три дена. И додека ги цртаа цртежите, децата беа на куп со сите материјали ставени на едно место и соработуваа како цел живот да се познаваат, како до секој да седи неговиот најдобар другар.  Група ученици кои пројавија интерес изработуваа хербариум од собраните билки.

Во вечерните часови организиравме забави со секаква музика- ми се чини на сите јазици што постојат. Се играа ора, се пееше… Пееја учениците, а запеаја и наставниците и родителите. Не можам да опишам колку среќни и задоволни лица гледав околу себе. Заедно го проследивме и фудбалскиот натпревар од Лигата на шампиони. Тука децата беа поделени, но не на тоа дали некое е Албанче, Македонче, Турче! Беа поделени според тоа дали навиваат за Барселона или Баерн Минхен

Учениците беа неуморни. Третата вечер не имитираа нас, наставниците, инспирирани од случките од тридневниот престој. Планината Јакупица се тресеше од детската и наша смеа на имитациите. Тој последен ден ние наставниците веќе не требаше да ги делиме во мешани групи. Тие самите се организираа меѓу себе, а групите им беа- секој со секого. Веќе не се знаеше кое дете од кое училиште доаѓа.

Добриот глас на далеку се слуша, па така Градоначалникот на Чашка – Горанчо Пановски не почести ручек во Рибникот Нежилово за успешната реализација и за искрената дружба. Децата се разделија во с. Теово. Се симнавме од минибусите, се поздравивме и изигравме едно заедничко оро. Солзи засветкаа во очите на учениците кои побараа да им ветиме дека следната година повторно ќе организираме ваков престој. Тие се изгушкаа и си ветија дека ќе останат во контакт. Солзи се појавија и во нашите очи, на наставниците. Нашите солзи беа од среќа дека децата ги надминаа сите бариери, предрасуди и стереотипи кои ги имаат возрасните. Многу можеме да научиме од овие чисти детски души.

Одамна не сме се почуствувале толку задоволни, исполнети и среќни од некоја работна обврска. Иако има многу случувања што ни ја поматуваат среќата деновиве, ние се смееме при секое сеќавање за тоа колку среќа им донесовме на овие ученици со поддршка од вас – Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. А учениците? Тие продолжуваат со комуникација на нивната група на Facebook. А јас непрестајно се смеам читајќи ги нивните весели разговори и евоцирањето на спомени.

Верица Тодоровска

ОУ „Лирија“, с. Јаболчиште, Чашка