Sunday, October 17, 2021

200 наставници ги унапредија нивните вештини за спроведување активности за меѓуетничка интеграција во училиштата

DSC00737Во текот на месец март 2015, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието спроведе 5 напредни обуки, на кои учествуваа околу 200 наставници од 44 повеќејазични училишта. На учесниците им се овозможи искуствено да ги научат напредните методологии за спроведување на активности за меѓуетничка интеграција во образованието, кои тие секојдневно можат да ги реализираат во нивните училишта.  „Порано сите проекти ги правевме посебно посебно Македонците, посебно Албанците и посебно Турците. Сега сите проекти ги работиме заеднички – на трите јазици. На таков начин се поврзуваме и навистина успешно работиме. Разлики има и во начинот на кој другите училишта се однесуваат кон нас- после овој проект, кога, на пример, одиме на гости во друго училилиште за нивниот патронен празник, тие навистина внимаваат да не не навредат со изборот на содржини и песни на изведбата“ вели Фикрија Бајрами од О.У „Мустафа Кемал Ататурк“, с. Количани, Студеничани.

DSC00752Наставниците – претставници на училишните тимови за меѓуетничка интеграција, имаа можност со своите колеги да ги дискутираат начините за обезбедување успешна соработка помеѓу учениците во заедничките активности, да научат како се реализираат билингвални мултикултурни работилници, и да увидат на каков начин може да ја поттикнат демократската партиципација на учениците преку реализација на акции за промена. „Ние веќе две години работиме со партнерското училиште од с. Ивањевци. Меѓутоа, практичните вежби од денешната обука ни направија една целосна слика за она што досега само го гледавме. Досега бевме само гости. Сега сме вистински актери. Ваквите обуки се многу позитивно искуство и ни прават голем поттик да ги надминуваме предрасудите, кои се особено карактеристични за малите средини. Многу сум задоволна што обуката беше многу практична, и ова е токму тоа што им треба на наставниците“ додаде Гордана Ристеска, ОУ „Св. Кирил и Методиј“ , с. Бучин, Крушево.