Monday, October 25, 2021

Училишните кадри со можност за сертифицирање на знаењата и вештините стекнати преку ПМИО

Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО), заедно со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука изготвија процедура за сертификација, преку која учесниците во ПМИО ќе можат да се стекнат со различни видови сертификати, според исполнетите услови и критериуми за секој од видовите сертификати предвиден во процедурата.

Со цел учесниците во ПМИО детално да се запознаат со процедурата за сертификација, ПМИО организира регионални менторски средби за членовите на тимовите за училишна интеграција (СИТ) од сите училишта од земјава во текот на месец август и септември. Стекнатите сертификати, ќе придонесат за професионалниот развој и напредувањето во кариерата на просветните работници од областа на меѓуетничката интеграција во образованието (МИО).

Инаку, наставниците, директорите и стручните соработници од 431 училиште од цела Македонија се вклучени во ПМИО од самиот почеток на реализација на активностите во училиштата во 2012 година. Учесниците во ПМИО пројдоа низ повеќе видови обуки, работилници и се стекнаа со знаења за МИО, како и со компетенции за практична примена на МИО.