Monday, September 27, 2021

Струшките основци организираа креативни работилници

Во изминатиот период, партнерските основни училишта „Дебарца“ од Белчиште и „Нури Мазари“ од Струга, заеднички спроведоа неколку креативни работилници во кои учествуваа ученици од македонски и албански наставен јазик.

Првата креативна работилница беше на тема „Среќен роденден“. Учениците измешани во групи  дискутираа за тоа како се чувствуваат кога им е роденден, како најчесто ги честитаат родендените, што им посакуваат на славениците и кои песнички ги пеат. Во продолжение на работилницата, учениците подготвија книга на одделението со наслов „Славиме роденден“. На крајот,  по двајца ученици од секоја група ја презентираа книгата на двата наставни јазици.

1

Втората креативна работилница „Како да го заспијам бебето?“, започна со запознавање на учениците преку игра во круг, а потоа беа размешани во две групи. Секоја група доби по еден примерок од работниот лист  – бебе (кукла) и облека. Учениците разговараа за подготовката и успивањето на малите бебиња. Со помош на наставниците, тие разговараа за сличностите и разликите меѓу приспивните песни на двата јазика кои ги слушнаа. Учениците заклучија дека и покрај тоа што зборовите и мелодијата на приспивните песни може да бидат различни, слично е тоа што кога се заспиваат бебињата најважно е да им се пее со нежен глас, тивко и со љубов.

2

За време на третата работилница со наслов „Среќен 29 февруари?“, учениците дискутираат за тоа како ќе го прослават новиот празник 29 Февруари, кој е празник за сите луѓе, подеднакво важен за сите заедници кои живеат во Македонија. Наставниците-ментори подготвија  6 пликоа, во кои се наоѓаа испишани пораки за пријателство. Потоа, учениците, поделени во парови, фрлаа коцка и во зависност од бројот кој го добија на коцката, добиваа и плико со истиот број. Учениците ги отвораа пликоа и ги читаа на двата јазика. Потоа, пораките се прикачуваа на голема коцка со наслов „Среќен 29 Февруари“.

3

Последната работилница „Што е Ска – Cка e што“ беше најзабавна за учениците. Тие, распоредени во круг имаа задача да го прашаат соседниот ученик „Што е cкa?“ а потоа добиваа одговор „Cкa е што.“ Играта трае се додека ученикот кој прв праша не даде одговор, додека наставниците наизменично поставуваа прашања и ги поттикнуваа сите ученици да учествуваат. Во продолжение, учениците распоредени  во парови добиваа по една фраза која опишува културно однесување. Секој пар имаше задача да ја напише фразата на другиот  јазик и да ја прочитаат на двата наставни јазика. Напишаните фрази учениците ги лепеа на хамер и ги презентира. На крај на активноста учесниците дискутираа за најинтересните моменти и за новите зборови што ги научија во текот на работилницата.