Sunday, June 20, 2021

Средношколците го прославија реновирањето на училиштето

На почетокот на февруари, учениците од средното гимназиско и градежно училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје, го прославија реновирањето на училишниот објект. Во изминатиот период во училиштето беа поставени нови прозори и влезни врати кои значително ќе ги подобрат условите за следење на наставата.

Реновирањето на училиштето се реализираше како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, со цел да се овозможат поквалитетни услови за учење и работа, но и да се поттикне интензивна соработка помеѓу учениците од различна етничка припадност.

DSC06907-001На свечениот настан, преку игра и песна, учениците на присутните гости им порачаа „В дружба, братство, љубов, слога, да ни мине живот цел”, и ветија дека ќе продолжат да работат кон интегрирана иднина, не само во нивното училиште, туку и во поширока заедница.

Учениците не беа единствените кои испратија порака. Во продолжение на настанот се обратија и Мајор Џефри Ван Сикл, Шеф на канцеларијата за воена соработка при амбасадата на САД, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски и заменик директорката на училиштето, Билјана Богданоска, кои ја истакнаа важноста на работењето кон заедничка иднина на младите.

По свеченото сечење на лента, учениците ги презентираа заедничките активности кои ги спроведуваа во изминатиот период и покажаа дека училишните денови навистина им минуваат во дружба и слога. Претставија разновидни макети кои ги создадоа заедно, а покажаа и како ги учат, негуваат и поддржуваат демократските вредности преку секцијата за демократска партиципација.

За крај, еколошката секција, преку експеримент, предложи наместо бензин автомобилите да користат морска вода, со цел да се зачува животната средина. На тој начин, учениците уште еднаш покажаа што значи да се биде активен чинител во заедницата која може да биде подобра за сите.

DSC06856