Monday, September 27, 2021

Спортот и забавата – одлични алатки за интеграција

Од 17 до 18 април, на спортското игралиште на хотел Макпетрол во Струга – глетка која исполнува душа. 40 наставници од десет основни повеќејазични училишта од цела Македонија ги разбудија децата во нив, на обуката за спортски и забавни активности за наставници-обучувачи на ПМИО.

Обуката, која се спроведе во соработка со Open Fun Football Sports, започна со краток теоретски дел за важноста на спортот во зближување на деца од различни етнички припадности, но и општо за здравиот физички и психички развој на децата. Потоа, наставниците, поделени во три групи, се упатија кон игралиштето каде што проследија низа спортски и забавни активности, , кои ќе ги организираат и спроведуваат понатаму со ученици од различни наставни јазици кои се застапени во нивните училишта.

На вториот ден од обуката, наставниците, во улога на инструктори, претставуваа спортски и забавни активности кои се нивен изум. Наставниците се воодушевија од самите себе – нивната отвореност, мотивираност и креативност беа видливи и придонесуваа во целокупната позитивна атмосфера. Посакаа обуката да потрае уште неколку дена. „Не практикувавме вакви активности, мислејќи дека нема да им бидат интересни на поголемите деца, но сега сфаќам, штом ние толку уживавме во нив, тие уште повеќе ќе уживаат“, вели Милан Ристевски, наставник по физичко во ОУ „Лирија“ во Тетово.