Monday, October 25, 2021

Со обуките за одржување на училиштата – до поефикасно организирање и подобра средина за учење

396 претставници на општините, локалните заедници и училиштата, вклучувајќи ги директорите, техничкиот персонал, родителите, училишниот одбор, како членови од тимовите за реновирање на училиштата (ТРУ) од 13-те училишта кои ќе бидат реновирани во текот на 2015 година, учествуваа на обука која се одржи на 16-17 април, за одржување на училиштата. Тие го унапредуваа нивното знаење во врска со определувањето на потребите и приоритетите за реновирање на училиштата, подготовка на апликација и буџет за реновирање, подготовката на планови и буџети за одржување на училиштата и планирање на настани за собирање на дополнителни средства.

„Обуката беше многу корисна, особено во делот за пополнување на апликацијата и планирање на буџетот, како и активности за собирање дополнителни средства“, вели Елизабета Андова, директор на ОУ „Наум Охридски“ од с. Булачани, општина Гази Баба.

Преку интерактивни презентации, тимска практична работа и групни дискусии, членовите на ТРУ научија како да подготват квалитетна апликација и буџет за реновирање, ги споделија нивните пракси за одржување на училиштата и научија како да ги подобрат истите.

„Обуката е организирана на високо ниво, со сите стандарди. Ги исполнува очекувањата. Обуката ќе му помогне на училишниот тим. Се разјаснија приоритетите и нивното рангирање. Имаше размена на мислења и различни примери од други училишта. Ќе ни помогне при подготовката на Апликацијата полесно да ги одредиме потребите и приоритетите во училиштето. А исто така и тековното одржување во училиштето“, истакна Јасминка Богдановска, директор на ОУ „Симче Настовски“ од с. Вратница, општина Јегуновце.

И педагогот од ОУ „Култура“ од липковското с. Матејче, Исмет Шабани, со пофални зборови за оваа обука. „Мислам дека обуката е соодветна и корисна за реализација на реновирањата во училиштето. Има многу придобивки, како на пример подигање на свеста во училиштата. Ќе има позитивно влијание во одржувањето и ангажирањето врз добриот тек на наставниот процес, каде успехот зависи од добрите услови во училиштето“, вели Шабани.

1Во периодот кој следи, ќе се реализираат активностите за реновирање на приоритетните проекти во секое училиште поединечно, а воедно во сите 13 училишта ќе бидат организирани менторски сесии, со цел да им се помогне на училиштата и понатаму да ја подобрат нивната работа во однос на одржувањето на училишните објекти. Од подобрената работа на ТРУ и подобреното одржување на овие училишните објекти ќе имаат корист над 8.700 ученици.