Friday, September 24, 2021

Сефтосани новите кошеви во училиштата во Бучин и Пресил

,,Заедно постигнуваме кош“ беше темата на заедничката средба на учениците од основното училиште „Кирил и Методиј“ од Бучин и од подрачните училишта во Светомитрани  и Пресил. За време на еднодневното дружење во Пресил, учениците одиграа пријателски кошаркарски натпревар и го јакнеа натпреварувачкиот дух.

DSC00433

Жешкото сонце не беше пречка учениците да уживаат во играта и да ги усовршуваат кошаркарските вештини. Дополнителен мотив за игра беше новопоставениот кош во подрачното училиште во Пресил, кој за првпат го испробаа младите спортисти од трите соседни крушевски села. Со нов кош се поднови и училиштето во Бучин, каде што учениците во иднина ќе имаат поквалитетна настава по физичко образование и можности за воннаставна рекреација.

DSC00422

Кошаркарскиот натпревар следеше по неколкуте заеднички средби на учениците од трите населени места, кои се одржаа во изминатиот период. На средбите тие истражуваа за познатите кошаркарски ѕвезди, за правилата на игра и за развојот на кошарката.  Целта на активностите е да се поттикнат учениците на тимската работа и на поголема физичка активност, а истовремено и да ја развиваат меѓусебната толеранција и доверба.