Saturday, September 25, 2021

Саем на активности и продукти на модел училиштата

Иако во земјата не постои празник или посебен ден за одбележување на вредностите на мултикултурализмот и сплотеноста меѓу различните заедници, сепак, тоа не беше пречка да се смисли таков ден и да се организира настан – Саем на модел училишта.

Над 200 ученици и наставници од шесте модел училишта, на 29-ти Септември во Скопје ги промовираа активностите и продуктите од заедничката работа со ученици од различни наставни јазици. За време на саемот, повеќе од 400 наставници од основни и средни училишта од целата земја, како и претставници на образовни институции се запознаа со концептот на модел училишта.

На настанот се проектираше краток филм, кој низ изјави на ученици, наставници и родители, како и снимени активности, ги доловува ефектите и искуството од процесот на заедничко работење.

Секое училиште пред публиката се претстави со една интегрирана точка преку која покажаа каков е нивниот однос кон училишните манифестации и прослави. Публиката виде како мали дечиња играа и пееја во ритамот на „Штом си среќен“, на албански, македонски, англиски, а се пееше и на зулу јазик. Специфичните ора на етничките заедници беа сплотени во едно заедничко интегрирано оро. Со апел за заедништво, учесниците ја испеаја Европската и училишната химна.

Во пет различни сали се претставија пет различни категории на активности – секции, ученички иницијативи, мултикултурни работилници, екскурзии и остварени соработки меѓу наставниците. Пошироката публика, интерактивно и искуствено ги доживеа активностите преку непосредно учество во нив.

Истовремено, саемот овозможи на едно место да се соберат голем број училишта кои преку интензивна комуникација ги споделија искуствата од реализирањето на ваков тип активности. Исто така, настанот овозможи модел училиштата навистина да послужат како модел и пример за заедничка работа, преку пренесување на искуствата на другите училишта.

Подолу, погледнете го прилогот за саемот од ТВ21:

Погледнете ја галеријата на слики од настанот: