Sunday, June 20, 2021

Ранковчани на возвратна посета во село Матејче

DSC00411На 26 март 2015, учениците од ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ од Ранковце го посетија партнерското училиште ОУ „Култура“ од с. Матејче, Липково. Прегратките при поздравувањето очигледно покажуваат дека наставниците и учениците веќе добро се познаваат меѓу себе. Ова беше нивна втора заедничка средба, по неодамнешната посета на матејчани во Ранковце .

Малото селско училиште беше полно со позитивна енергија и раздвиженост додека колегите наставници од двете училишта, во парови, се подготвуваа за големиот број активности предвидени за овој ден. Гостите од Ранковце им покажуваа на соучениците како да изработуваат творби со посебна ликовна техника, додека учениците – домаќини ги запознаваа своите другари со нивното село и нивната џамија. Учениците од „Христијан Тодоровски – Карпош“ имаа многу прашања во врска со исламот и архитектурата на џамијата, кои имаа можност да ги дискутираат со имамот. Освен тоа, учениците од двете училишта заеднички изработуваа презентација со културни знаменитости од нивните краишта, и одиграа пријателски натпревар во фудбал.

20150326_124836Како што изјавија координаторите на тимовите за меѓуетничка интеграција од двете училишта, Игор и Ведат, соработката, која најпрво започна преку нив, сега се прошири меѓу сите наставници од двете училишта, кои со задоволство ги очекуваат идните заеднички активности со учениците.