Thursday, June 17, 2021

Посета на културно историски знаменитости за подобро меѓусебно разбирање

DSCN6192_800x600Учениците од основните училиштата „Кочо Рацин“ и „Наим Фрашери“ од Куманово посетија неколку знаменитости во Скопје, значајни за различните етнички заедници во земјава, при што научија многу работи за културата и традицијата на едните и другите и за богатото културно минато. Преку запознавање со културното наследство, учениците за момент се вратија во времето кога се создавала историјата и културата на живеење на народите од овие простори.

Посетата започна со еден од најубавите исламски споменици Мустафа – пашината џамија, а продолжи во црквата Свети Спас, која е споменик на културата, заштитен со закон. Во разговорот со кустосите, учениците дознаа интересни податоци за врвните дела на старите градители и нивните творечки патешествија во создавањето на културната ризница.

Потоа, продолжија низ дел од Старата скопска чаршија во која преовладува отоманската архитектура. Таму го почувствуваа духот на традицијата, минувајќи по тесните сокаци и покрај продавничките со се’ и сешто.

На пат кон Камениот мост дознаа нешто повеќе за две познати историски личности.  Наставниците раскажуваа за Ѓерѓ Кастриот – Скендер-бег, кој првпат ги здружи народите во заедничка борба против османлиските војски и ајдутскиот арамбаша Карпош, познат како „крал од Куманово“.

Поминаа преку Камениот мост, кој се смета за спој на традиционалното и модерното, односно помеѓу стариот и новиот дел на Скопје. Посетата заврши во спомен куќата на Мајка Тереза, каде што дознаа интересни податоци од животот на познатата хуманитарка која им помагаше на сиромашните и немоќните.

Учениците љубопитно поставуваа прашања со намера да дознаат нешто повеќе за посетените локалитети и вредно бележеа значајни податоци кои ќе им послужат при изработката на информативни паноа. Посетата помина во срдечна, пријатна атмосфера. На враќање назад, автобусот ечеше од веселиот џагор и смеата на учениците, кои се разделија со ветување дека наредната средба ќе биде уште позабавна.

DSCN6270_800x600