Saturday, October 16, 2021

Партнерствата меѓу училишта поттик за поголема соработка меѓу општините

Picture1„Јавно ги повикувам сите кои се заинтересирани да ја поддржат оваа соработка. Нека оваа средба биде поттик и повик за вклучување на сите училишта, сите менаџери и граѓани, од нашите две општини но и од сите други општини од цела Македонија, кои имаат можност, желба и верба дека ова што заеднички го правиме е прекрасно“, изјави заменик-градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев.

Преку организирањето на заедничкиот настан, Општините Охрид и Теарце покажаа дека меѓуетничката интеграција во образованието е процес во кој треба да се вклучи целата локална заедница и кој треба да се прошири и на другите полиња на делување на општините. На заедничката средба пoмеѓу училиштата „Живко Чинго“ од с.Велгошти, Охрид и „Фаик Коница“ од с. Доброште, Теарце, покрај 75-те ученици, наставниците и родителите од двете училишта, присутни беа и градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани и заменик-градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев.

4Воодушевен од резултатите од соработката на учениците од овие две училишта, Асани изрази желба оваа соработка во образованието да продолжи и во иднина, но и да се прошири и на полето на економска соработка меѓу овие две општини. „Оваа иницијатива е за поздравување и ние ја поддржуваме бидејќи сме една земја, една држава. Ние ќе продолжиме да соработуваме за подобра иднина, за учениците и за новите генерации“ изјави градоначалникот.

Ова беше четврта средба помеѓу учениците и наставниците од двете училишта, кои овој пат реализираа 11 заеднички работилници, пријателски натпревар во мал фудбал и заедничка прошетка низ знаменистостите на Охрид. Како што изјави директорот на ОУ „Фаик Коница“, Реџеп Даути, тие се надеваат дека нивното пријателство и партнерство ќе служат како пример за соработка за останатите училишта и општини. „Ние сме мала држава и можеме да живееме многу убаво се додека на децата, наместо ѕидови и непријателство, им даваме дружење и љубов“ , надополни неговиот колега од „Живко Чинго“, Ѓоко Чингоски.