Saturday, October 16, 2021

Основното училиште во Богомила со нов изглед

DSC07722Учениците од основното училиште „Петре Поп Арсов“ од село Богомила, општина Чашка, го прославија реновирањето на училишниот објект. Во изминатиот период во училиштето беа поставени нови прозори, влезна врата, неколку преградни ѕидови во училниците, како и нова фасада на еден од надворешните ѕидови, со што значително се подобрија условите за следење на наставата.

На свечениот настан, што се одржа кон средината на март, преку игра и песна, учениците на присутните гости им прикажаа што значи да се негуваат пријателството и соработката помеѓу учениците од различна етничка припадност.

За време на настанот се обратија и потполковник Џенифер Форд од воздухопловното аташе при Амбасадата на САД во Скопје, градоначалникот на општина Чашка, Горанчо Пановски и директорот на основното училиште Петре Поп Арсов, Панче Ташковски, кои ја истакнаа важноста на работењето кон заедничка иднина на младите.

DSC07858По свеченото сечење на лента, учениците им подарија честитки на сите присутни, порачувајќи им дека пријателството треба да се негува и дека тоа е Сонце кое нè грее сите заедно. Но, подарувањето не запре тука! На потполковничката Џенифер Форд, основците ѝ подарија и уникатна рачно изработена маска, надевајќи се дека таа ќе ја носи на Денот на шегата.

DSC07802За крај, тие ги презентираа и заедничките активности кои ги спроведуваа во изминатиот период. Го прикажаа и нивното “дрво на пријателство”, за коешто ни кажаа дека е полевано со многу љубов и слога, бидејќи за нив пријателството е најголемото богатство.

Реновирањето на училиштето се реализираше како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, со цел да се овозможат поквалитетни услови за учење и работа, но и да се поттикне интензивна соработка помеѓу учениците од различна етничка припадност.